„Фала му на Бога што прифати, бе синко“ – вака, според Невзат Бејта, гостиварци ја пречекале неговата кандидатура, заблагодарувајќи му се неизмерно. За време на говорот на отворањето на кампањата, кандидатот на ВЛЕН за Гостивар вети неколку проекти, меѓу кои и дека ќе го „засјае“ градот со чистота, а ја обвини претходната локална власт дека ништо не направила за оваа општина.
„Тие осум години ништо не отворија, никаква работа не направија. Ако ве прашаат, ние сме направиле многу големи работи – отворивме четири улици, а ќе се изгради и вториот мост кај судот над реката Вардар со две ленти. Друго на кое ќе посветиме големо внимание, а што го бараат граѓаните – хигиената… Хигиената ќе биде на највисоко ниво, градот ќе засјае, како што вели народот, и ќе посветиме посебно внимание на зеленилото.“, вели Бејта.
Другиот кандидат, Валбон Лимани од НАИ, кој се надева повторно да го освои Гостивар, беше повоздржан и не даде многу ветувања. Тој ги повика граѓаните, како што рече, да победат против оние кои сакале да им го одземат правото да одлучуваат за судбината на Гостивар.
„Во овој повторен круг повторно ја барам вашата потврда, бидејќи за малку гласови ни ја одзедоа победата. Ова не е првпат да се обидуваат со вакви игри во Гостивар, но убеден сум дека со ваша помош и, пред сè, со Божја волја, сите заедно ќе успееме. Јас лично не верувам многу во предизборните ветувања, бидејќи понекогаш не се исполнуваат, затоа и тоа што го направивме беше навистина онолку колку што можевме и навистина ќе се направи.“, изјави Лимани.
Предизборната кампања за повторените локални избори за градоначалници во општините Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа официјално започна на 22 декември. Според роковите, кампањата ќе трае до 9 јануари, кога стапува на сила изборниот молк пред денот на гласањето.
