Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика компаниите да ги намалат цените на производите, бидејќи, како што најави, ќе побара поддршка од пратениците да се донесе закон за солидарност, а средствата што ќе се соберат ќе се дадат на граѓаните за директна поддршка. Тој посочи дека едно од најголемите барања на компаниите кон владата беше субвенционирање на електрична енергија, како Влада тоа го исполнивме тоа и сега останува на компаниите да го исполнат тоа што го ветиле. Сега бара тие компании да ја намалат цената на производите а не да профитираат од кризата.
„Да бидам искрен, во одредени производи веќе има намалување од 10 отсто. На пример, лебот има намалување од 10 отсто споредбено со тоа колку беше цената на лебот во септември и октомври. Јогуртот исто, некои одредени месни производи имаат намалување, за жал, некои немаат намалување. Затоа Пазарната инспекција редовно е на терен и очекуваме со усвојувањето на законското решение од страна на Собранието да се направат дополнителни пресметки и тие кои направиле дополнителен профит од тоа што го имале во претходните две-три години ќе плаќаат дополнителни давачки, средства кои ние ќе ги користиме за поддршка на граѓаните“, вели Крешник Бектеши.
И премиерот Димитар Ковачевски уверува дека цените на лебот, млекото и на месните производи се намалени од 7 до 12 проценти. Тој нагласи дека барањето на Стопанската комора беше државата да овозможи пониска субвенционирана цена на електрична енергија, за да може да се намали цената на основите прехранбени производи до 10 проценти.
„Нашиот најголем производител на месни и сувомесни производи ги има намалено цените од 7 до 12 проценти зависно од производот бидејќи цената на електрична енергија не е единствениот импут во финалната цена, тука се цените на суровините, работна сила, транспорт, логистички трошоци итн“, вели Димитар Ковачевски
Инаку и Ковачевски оцени дека законот за солидарност ќе им помогне на граѓаните во соочувањето со кризата.
