Богато војничко погребување со оружје и златни предмети откриено кај струшко Корошишта

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ново исклучително археолошко откритие е пронајдено на архајската некропола Расница кај струшкото село Корошишта. Археолозите откриле богато војничко погребување со штит, шлем, копја, меч и предмети од злато, бронза и килибар.

Од Националниот археолошки музеј информираат дека откритието дополнително го потврдува значењето на локалитетот за проучување на Охридско-струшкиот регион во VI век пред нашата ера.

Најновите наоди, според музејот, овозможуваат подетално проучување на погребните обичаи, воената организација и општествената структура на заедниците кои живееле на овој простор.

Расница привлече поголемо внимание во 2024 година, кога беше откриена монументална гробна целина со богат археолошки материјал. Меѓу тогашните наоди имало бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златни предмети, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли, кантарос и повеќе бронзени садови.

Според археолозите, новото војничко погребување носи дополнителни информации за статусот, идентитетот и улогата на лицата погребани на некрополата.

Истражувањата ги предводи д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј. На денешната презентација на локалитетот ќе присуствуваат и директорката на музејот Магдалена Манаскова и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.