По 30 години работа: „Тинекс“ има нов сопственик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Синџирот на малопродажни објекти „Тинекс“ од петокот официјално е во сопственост на косовската компанија „Проекс Интернационал“ од Приштина.

„Проекс Интернационал“ го презеде „Тинекс“, новоформираното друштво преку кое ќе продолжи малопродажниот бизнис на досегашниот сопственик „Тинекс Маркет“.

Со тоа, по повеќе од три децении во домашна сопственост, „Тинекс“ влегува во нова фаза од своето работење.

Нов директор на „Тинекс Маркет“ е Лиридон Бериша од Косово, кој доаѓа на местото на Кристина Тодоровиќ-Николиќ.

Според неговиот професионален профил, Бериша од септември 2020 година е извршен директор за логистика во „Проекс Интернационал“, додека претходно, од 2019 до 2020 година, бил главен директор за маркетинг во „Viva Fresh Store“, објавува „Фактор“.

За преземањето претходно даде одобрение и Комисијата за заштита на конкуренцијата, која на 25 август ја одобри концентрацијата преку која „Proeks International“ ќе преземе контрола врз „Tinex Market“ ДООЕЛ Скопје.

Трансакцијата го опфаќа бизнисот со супермаркети со кој досега управуваше „Tinex-MT“, под брендовите „Tinex“, „SuperTinex“, „Tinex Delikates“, „Konto“ и „Spot“.

„Proeks International“ е компанија од Приштина чија основна дејност е малопродажба во неспецијализирани продавници, главно со храна, пијалаци и тутунски производи.

Компанијата е дел од „Proeks Group“, која работи и во увозот и дистрибуцијата на стоки за широка потрошувачка, малопродажбата, управувањето со супермаркети и логистиката, како и во трговијата, складирањето и дистрибуцијата на нафтени деривати.