Во обид да се најде природен гас по поевтина цена, министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со директорот на Македонски електрани, Васко Ковачевски, како и советникот на премиерот за енергетика, Виктор Андонов, ќе одржат средба со една од компаниите предложена од првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Министерот Бектеши за „ТВ Сител“ изјави дека Македонија доставила информации за количините и потребите, додека денеска очекува да има детална понуда од компанијата.
„За да го подготвиме состанокот, ги испративме количините и потребите на Северна Македонија, вклучително и потребите на ТЕ-ТО, кој произведува електрична енергија и истовремено произведува топлинска енергија. Станува збор за фирма регистрирана во Европа. Средбата нема да биде во Скопје, туку надвор од Северна Македонија. Се разбира дека ќе се вратиме утре и јавноста ќе биде транспарентно информирана за понудата и како течеле преговорите“, истакна Крешник Бектеши.
Мицкоски пред неколку дена изјави дека цената на овие компании ќе биде 2 пати поевтина од онаа на берзата. Од друга страна, од Кризниот штаб при Стопанската комора вчера изјавија дека бизнисите очекуваат поддршка од Владата за опстанок, за да нема намалување на работните места или производството.
Средба со друга компанија за снабдување со мазут е најавена за викендот. Во меѓувреме, вчера во Економскиот совет на Владата не беа одобрени некои мерки, иако бизнисот очекуваше многу од средбата. Сега се очекува во среда да има нов пакет мерки, а планирана е и нова средба меѓу надлежните, стопанствениците, синдикалците и експертите.
