Бектеши: Не е вистина дека угостителите не ги користат мерките, фондот дополнет со уште 8 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија Kрешник Бектеши денеска изјави дека не се вистинити информациите што вчера ги изнесе Туристичко угостителската комора на Македонија дека правните субјекти од угостителските дејности нема да ги користат мерките за поддршка, бидејќи поради големиот интерес фондот за средства преку Банката за развој бил дополнет со 8 милиони евра. Сега, рече Бектеши, не е време за уцени, туку време кога секој треба да понесе по дел од товарот и време да се даде конструктивен придонес за подобрување на мерките.

Владата, потенцира, уште на почетокот на кризата укажа и имаше целосно разбирање за секторите туризам, угостителство и транспорт и од овие причини првите мерки кои се донесоа ги опфатиja токму овие сектори со овозможување да искористат бескаматни кредити, како и субвенционирани придонеси.

– Свесни сме дека голем број од компаниите од овие сектори се директно опфатени со кризата и од тие причини Владата во вториот пакет на мерки истите ги дополни со нови мерки, односно преку Банката за развој обезбеди дополнителни средства, бескаматен кредит, а за компаниите да искористат средства за исплата на минимална плата од 14.500 денари за вработен. Укажувањата на угостителите дека нема да ги користат овие мерки сметаме дека не се точни, имајќи го предвид податокот од Банката за развој каде што како Влада требаше да ги дополниме Фондот со дополнителни 8 милиони евра поради големиот интерес на компаниите токму од овој сектор, рече на денешната прес-конференција министерот Бектеши.

Тој додаде дека Министерството за економија активно е вклучено во носењето на сите мерки од страна на Владата  и оти тие се донесени во соработка со приватниот сектор, односно стопанските комори и асоцијации во нашата држава.

-Како министер за економија лично имам присуствувано на состанок со сите стопански комори каде што барањата за исплата на минималната плата беше клучно за задржување на вработените во секторот, за сега да слушнеме од Туристичко-угостителската комора при ССКМ дека нема да ги искористат сите мерки. Очекуваме и како Министерство за економија и како Влада од стопанските комори забелешки или укажувања во делот на подобрување на критериумите за добивање на овие субвенции, но треба да се има предвид фактот дека за нас како Министерство за економија е многу важно субвенциите да одат кај вистинските угостители, односно угостители кои во минатиот период пред кризата редовно ги подмирувале сите давачки кон државата, истакна министерот за економија.