Преостанатите денови без врнежи се важна можност за земјоделците да ги завршат планираните есенски активности пред настапувањето на пониските температури. Агрометеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) посочуваат дека правилната сеидба и искористувањето на преостанатата топлина и влага во почвата ќе бидат клучни за успешното презимување на земјоделските култури.
Покрај завршувањето на сеидбата и засадувањето, во овој период особено важно е спроведувањето превентивни мерки за заштита на растенијата. Од УХМР предупредуваат дека високата релативна влажност на воздухот создава поволни услови за развој и презимување на фитопатогени организми, поради што се препорачува есенска заштита и дезинфекција за намалување на ризикот од инфекции.
Крајот на октомври е значаен период за озимните култури, бидејќи тие треба да имаат доволно време да развијат силен коренов систем пред појавата на првите посилни мразови. Сеидбата на јачменот, ‘ржта и пченицата е во завршна фаза, а успешното презимување ќе зависи и од правилно одредените сеидбени норми и условите во почвата.
Активности има и во градинарството. Во овој период се расадува есенска зелена салата кога растенијата се во фаза од три до четири листа, а директно се сеат спанаќ и рукола. Кон крајот на месецот се предвидува и сеидба на морков и магдонос.
Поволни услови има и за подигање нови овошни насади. Според агрометеоролозите, соодветната температура и влажност на почвата овозможуваат засадување јаболка, круши, сливи и бобинести овошни култури. Целта е садниците да се вкоренат квалитетно пред зимскиот период на мирување.
