Потпретседателката на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и потпретседател на Собранието Весна Бендевска денеска порача дека за нив е неприфатливо да седат во иста влада со субјект кој договара со нереформирано ДУИ.
„Премиерот Мицкоски вчера го соопшти својот став, но Движење ЗНАМ – За наша Македонија во неколку наврати го кажуваше својот став. За нас е неприфатливо да седиме во иста Влада со субјект кој се договара со ова нереформирано ДУИ. ЗНАМ и во својата предизборна програма говореше за итна потреба од „дедуизација” на општеството. Под „дуизација” неподразбираме албанофобија, туку напротив, „дуизацијата” значеше систем на коруптивно и криминално владеење. Систем кој го разори институционалниот систем“, вели Бендевска.
За тоа каква е комуникацијата со пратениците од крилото на Алијанса на Албанците предводено од Арбен Таравари и дали, можеби има некакви најави дека дел од нив ќе останат со мнозинството, Бендевска рече дека „членовите на Алијанса за Албанците не присуствуваа на координацијата и навистина ќе е неодговорно да тврдам што ќе се случи со пратениците“.
Во врска со изјавата, пак, на лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети дека Владата нема етнички легитимитет, со оглед на тоа што со владиното мнозинство остануваат само девет пратеници Албанци, потпретседателката на ЗНАМ истакна дека „оваа Влада е сѐ, само не моноетничка“.
„ДУИ отиде и понатаму и ја нарече оваа влада моноетничка. Еден политички субјект од четирите што ја формираа Вреди заминува. Остануваат три партии, сега здружени во еден политички субјект Вреди и оваа Влада е сѐ, само не моноетничка“, вели Бендевска.
