Бени Шаќири, кандидатот за градоначалник на Скопје од коалицијата на ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“, беше соговорник во „10 МИНУТИ“ на ТВ21.
Шаќири кажа дека мотив за тоа што се кандидирал за градоначалник е катастрофалното водење на градот од актуелното раководство, и дека ништо не е остварено од ветувањата од пред четири години.
„Ќе се залагаме за промени кои требаше да се случат пред четири години. Се залагавме за промена на режимот на Груевски и на севкупни промени на системот на целата земја. Кога говориме за Скопје, сето она што го гледате требаше да се подобрат минатите четири години, за сега да добиваме ветувања дека ќе се подобри во следните четири години.
Секој човек може да отвори од програмата која ни беше ветувана и понудувана, ќе увиди дека е остварено 2-3%. Освен задоцнетото уривање на Универзална сала и овој мост во Карпош 4, друго ништо не е направено.
Затоа како прв и основен капитален проект на „Одлучно за промени“ е промена на актуелното раководство на градот, да ги победиме, затоа што се виновни за она што се случува. Никаква промена, лоша инфраструктура, ѓубре насекаде, загадувањето не е мрднато од мртва точка, иако актуелниот градоначалник милува да каже дека имало поквалитетен воздух, што не е точно.
Има многу работи кои не се направени, а кои ни беа мотив да ја формираме оваа коалиција и мојата кандидатура за градоначалник“, рече Шаќири.
