Јаневска: Веќе ги гледаме резултатите од научните проекти поддржани минатата година со 6 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со шест милиони евра, минатата година Владата на Македонија ја финансираше имплементацијата на 50тина научно истражувачки проекти од јавен интерес, кои ги реализираат јавните научни и високообразовни установи, Македонската академија на науките и уметностите и бизнис заедницата. Видливо ја раздвиживме науката и денес веќе почнуваме да ги гледаме резултатите од тие проекти – истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на отворањето на меѓународна научна конференција на Институтот за интелектуална сопственост.

Министерката нагласи дека истражувањето веќе ја зацврсти релацијата помеѓу науката и носителите на одлуки, со правната професија и со институциите што имаат важна улога во заштитата на интелектуалната сопственост.

„Од позиција на министер за образование и наука, горда сум не само на овој, туку и на сите други проекти кои ги поддржавме како Влада во изминатата година. Важни се, затоа што ја потврдуваат улогата на науката како двигател на развојот и како значаен партнер во креирањето јавни политики засновани на научни сознанија и докази“, рече Јаневска.

Таа потенцираше дека целта на Владата е научноистражувачката работа да создава резултати што ќе имаат реална вредност за институциите, за економијата и за граѓаните. Затоа, како што рече Јаневска, буџетот за наука е двојно зголемен, а овозможен е бесплатен пристап до најпознатите глобални научни бази „Web of science“ и „Scopus“ за сите македонски научници и академски професори. МОН ги покрива трошоците за објава на научни трудови во списанија со импакт фактор, за организација на домашни и за учество на меѓународни научни конференции, како и трошоците за објава на зборници.