„Кој заглавил во снегот во Маврово, кој не можел или немал зимски гуми, па се возел со летни гуми, па некој требало да го турка, е сега јас тоа не можам да го решам“, истакна Талат Џафери.
Откако ги надминаа овие проблеми, пратениците доцна синоќа се собраа и едногласно ги донесоа законите со кои ДДВ-то на основните производи на храна се укинува, а акцизата за гориво се намалува.
| Дериват | Стара цена | Нова цена | Разлика |
| Бензин | 93 денари | 86,5 денари | -6,5 денари |
| Бензин 98+ | 95 денари | 88,5 денари | -6,5 денари |
| Дизел | 97 денари | 88 денари | -9 денари |
Регулаторната комисија денеска излезе со вонредна одлука за нови цени на горивата. Од полноќ цената на бензините ќе се намали за 6,5 денари, а на дизелот за 9 денари.
За опозицијата ова е козметичка мерка, додавајќи дека цените на бензините и натаму се високи.
„Високата цена на горивата, која пред се е и заради големата акциза, која за време на СДСМ во изминативе неколку години порасна за нови 13,13 денари го зголемува трошокот за производство. Козметичката мерка која ја донесе владата, а се однесува на намалување на акцизата за 30% не е целосна, затоа што горивата се повторно екстремно високи“, истакна Цветан Трипуновски.
И за трговците со нафта и нафтени деривати мерки се неприфатливи.
„Во целиот изминат двегодишен период на траење на ковид кризата, компаниите од секторот за снабдување нафта и нафтени деривати не ги користеа владините мерки за поддршка кои се носеа за деловните субјекти. Своето работење тие го организираат континуирано и непречено и во неизвесни економски услови и затоа нивното размислување е дека сега не е момент да се креираат мерки со кои ќе се обременува нивното работење“, велат од Стопанската комора.
Во врска со ова, Регулаторната комисија за енергетика, која цените ги одредува според однапред утврдена методологија, побара разбирање.
„Имаме реакции од сите трговци. Бараме од нив разбирање додека не влезат во сила мерките од Владата и тогаш би требало да им ја вратиме маржата во нормала“, велат од РКЕ.
Регулаторната комисија нови цени на нафтените деривати носи секој работен ден, земајќи ги во превид цените на светските берзи во последните пет денови.
Од Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи од источниот дел на Македонија велат дека оваа мерка ќе ги принуди да ги затворат бензинските станици во источниот дел на државата.
