Претседателот на МФ на Движење Беса, Аљби Ќамили, на прес конференција го обвини началникот на СВРТетово,Шефик Бајрами, дека на незаконски начин повикува во полиција активисти на Беса. Според Ќамили ова се прави со цел заплашување на активистите.
„Она што го знаеме е дека во станица прво биле повикани незаконски, телефонски, итно да пријават во полиција, а многу подоцна им испратиле и писмена покана, како што треба да пристапи полицијата. Она што можеме да го кажеме е дека овие диктаторски дејствија ги врши првиот човек на СВР Тетово, Шефик Бајрами, кој на оваа функција е незаконски поставен иако има криминално досие и е осомничен за учество во потешки кривични дела. Но, со антизаконско инсистирање на ДУИ, ја извршува функцијата прв човек на СВР Тетово“, вели Аљби Ќамили.
Но од СВР Тетово преку соопштение велат дека до 22 април во СВР Тетово е повикано само едно лице за делото “злоупотреба на лични податоци“.
„Во текот на изминативе денови, до денеска (22-април) во Секторот за внатрешни работи Тетово, е евидентирана покана само за едно лице, и тоа Д.А. (27) од тетовско Непроштено, кој бил пријавен во врска со сторено кривично дело ,,Злоупотреба на лични податоци,, казниво по член 149 ст.2 од Кривичен законик на РСМ“, велат од СВР Тетово.
И изминатава недела коалицијата ВРЕДИ ја обвини тетовската полиција за вршење притисок врз нивни активисти.
