Директната авионска врска меѓу Скопје и црногорскиот Тиват ќе биде воспоставена од 1 мај. Летовите во почетокот ќе се реализираат двапати неделно, а се очекува новата линија да ја зголеми фреквенцијата на патувања и да ја поттикне туристичката и економската размена меѓу двете земји.
Информацијата денеска ја соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на заедничка прес-конференција со вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Николоски очекува воспоставувањето на авиолинијата да придонесе за зголемување на бројот на патници и поинтензивна размена меѓу двете држави, но и за развој на туризмот и бизнис-соработката.
„Истата ќе оперира, за почеток, двапати неделно. Ќе стартува од 1 мај и се надевам дека сериозно ќе придонесе во зголемување на, не само бројот на патници и размена помеѓу двете држави, но и зголемување на туризмот и на бизнисот“, изјави Николоски.
На средбата двајцата вицепремиери разговарале и за можностите за унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Црна Гора.
Како дел од договорените активности, следната година треба да биде организиран голем бизнис-форум на кој ќе учествуваат компании од двете земји, со цел отворање нови можности за деловно поврзување и заеднички инвестиции.
