Градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ, денеска прогласи Ден на жалост поради загинувањето на четворица припадници на ЕУФОР од составот на италијанските вооружени сили, кои во четвртокот настрадаа во пад на хеликоптер во Брчко.
„Станува збор за војници од составот на мировните сили, ангажирани за зачувување на мирот и стабилноста во БиХ. Ова е симболичен начин да изразиме солидарност со семејствата на жртвите и со целиот италијански народ“, изјави Милиќ.
Тој истакна дека посебна благодарност заслужуваат пилотите на хеликоптерот, кои се обидувале да го задржат леталото во воздух за да спречат негов пад врз населени места и на тој начин да избегнат цивилни жртви.
