Бесими: ММФ ги препозна политиките на Владата, средствата од ПЛЛ линијата се потврда за тоа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Република Северна Македонија спроведува здрави и соодветни економски политики. Тоа е потврдено и со веќе завршените преговори за користење на Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ) на оваа меѓународна финансиска институција. Истото е констатирано и на средбaта на министерот за финансии Фатмир Бесими со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, која се реализираше во седиштето на ММФ во Вашингтон, соопшти Министерството за финансии.

– Оваа криза е од глобален карактер и има сериозен импакт врз македонската економија, која како мала и отворена економија зависи многу од случувањата, особено во европски контекст. За справување со предизвиците потребна е поддршка и на ранливите категории граѓани и тоа го прави Владата со донесените антикризни мерки. Истовремено се води и внимателна фискална политика, со заштеди на помалку приоритетните расходи и обезбедување средства за покривање на буџетскиот дефицит по оптимални услови. Токму таквите политики беа препознаени од ММФ и создадоа услови да можеме да ја користиме ПЛЛ програмата од ММФ, истакна министерот Бесими.

РС Македонија доби пристап да користи 530 милиони евра од Програмата за претпазливост и ликвидност на ММФ, која овозможува користење средства по значително поволни услови.

– Го избравте вистинскиот инструмент за контролирање на инфлацијата, справување со енергетската криза и фискална консолидација, истакна заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли.

Аранжманот со ММФ е важен сигнал до меѓународните инвеститори, бидејќи влева дополнителна доверба во здравите политики на државата. Воедно, РС Македонија успеа и во време на криза да го затвори финансирањето на буџетот до крајот на годината со пониски трошоци, се вели во соопштението од МФ.

Заедно со средствата од ММФ е финализирано финансирањето на планираните програми и мерки во Буџетот за 2022 година, а кои се насочени кон сигурно снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството, како и да ублажување на влијанието од инфлацијата, особено кај најранливите категории. Дополнително, средствата се насочени и кон проекти и спроведување реформи кои на среден и долг рок ќе значат забрзан економски раст и подигнување на стандардот на граѓаните.

Министерот за финансии Фатмир Бесими со средбата со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли, ја заврши посетата на Вашингтон каде што учествуваше на Годишните средби на ММФ и СБ. За време на престојот на Вашингтон, министерот оствари средби со високи претставници на ММФ, Светска банка, ЕБОР, ИФЦ, а реализираше состанок и во Трезорот на САД.

На состаноците министерот ги претстави напорите и мерките што ги презема Владата за справување со енергетската и ценовната криза, истовремено и за одржување на макроекономската стабилност.

Годишните средби на ММФ и Светска банка на исто место овозможуваат министри за финансии, гувернери на централни банки, претставници на бизнис заедницата и невладиниот сектор и експерти да дискутираат за актуелни прашања и да бараат начини за нивно надминување.