По консолидирањето на ВЛЕН во единствен политички субјект, копретседателите Изет Меџити и Биљал Касами ја започнаа работата на терен. Првата станица беше градот Дебар, каде одблиску ги разгледаа проектите што се реализираат под раководство на градоначалникот Фисник Мела.
Во фокусот беше изградбата на нов паркинг со 250 паркинг-места во центарот на градот, инвестиција вредна околу 350 илјади евра, која има за цел да ја подобри урбаната инфраструктура и условите за граѓаните. Од ВЛЕН истакнаа дека децентрализацијата и зајакнувањето на општините остануваат меѓу нивните главни приоритети, а посебно ја нагласија важноста на стратешките проекти како „One Stop Shop“ во Блато и Ќафасан за економски и регионален развој.
Во соопштението на ВЛЕН се наведува дека Дебар е пример како одговорното локално управување може да ги претвори визиите во конкретни проекти и придобивки за граѓаните. Покрај новиот паркинг, во градот се реализираат и други инвестиции кои придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот и за нов развоен импулс.
Од ВЛЕН посочуваат дека проектите „One Stop Shop“ на граничните премини Блато и Ќафасан ќе го олеснат движењето на луѓе и стоки, ќе ги зајакнат економските врски и ќе придонесат за локален и регионален развој.
„ВЛЕН на работа. Наш дел“, се наведува во пораката на коалицијата.
