Граѓаните се потешко врзуваат крај со крај. Во јануари на едно четиричлено семејство за да преживее му биле потребни 63.252 денари, пресмета синдикатот. Во однос на декември минималната синдикална кошничка е зголемена за 391 денар наместо да се намали за 10 проценти, како што ветија трговците кога ја кроеја новогодишната кошничка.
„Вредноста на синдикалната минимална кошница, која ја пресметува ССМ за само една година пораснала за 6.089 денари. Тоа значи зголемување од 10,65 проценти. И сметаме дека инфлацијата во Македонија во никој случај не може да биде 3,5 проценти доколку синдикалната минимална кошничка покажува дека инфлацијата се движи далеку над 10 проценти“, вели Слободан Трендафилов.
Според првиот човек на ССМ, Трендафилов и со новогодишната и есенска кошничка, трговците ја изиграле државата, но и граѓаните. Храната и пијалаците поскапеле, наместо да поевтинат. Од септември до јануари кога беа на сила две кошнички, трошоците за храна и пијалаци наместо да се намалат пораснале за 164 денари. Намалување нема и додека паѓале цените на храната на светските берзи.
„Но тоа што можевме да го видиме и ние, а и целокупната јавност е дека трговците го користеа секој момент кога немаше мерки на сила да ги зголемат цените неоправдано за повеќе од 20 проценти и потоа само фиктивно да произлезе дека цените се намалуваат и дека се прави нешто добро за граѓаните и за работниците, но напротив тие само се богатеа на нашиот грб“, вели Слободан Трендафилов.
Трендафилов кажа дека ССМ не може да повика на бојкот на трговците по примерот на Хрватска, но ќе ги извади завршните сметки со добивките на големите синџири на маркети, за граѓаните да видат како тие неоправдано се богатат на нивниот грб. Побара Владата да ги извади фактурите и да покаже по која цена се увезени, а по која цена се продаваат производите. Упати и апел до Владата повеќе да не ги консултира трговците за мерките што ги носи. Но, и да ги зголеми платите.
