„Без АА во Влада, се оди на избори“ – Таравари: Му даваме можност на мнозинството да обезбеди 80 гласови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците чека да види дали владејачките партии ќе ги исполнат нејзините барања за влез во Влада. Доколку тоа не се случи, претседателот на АА, Арбен Таравари, вели дека најверојатно ќе се оди на избори.

„Доколку АА не влезе во Влада, 100% нема да бидат обезбедени 80 пратеници и најверојатно ќе се оди на избори. Доколку влеземе, ќе дадеме шанса да се обезбеди бројката од 80, но дали тоа ќе се случи не зависи од нас“, рече Таравари.

Таравари вели дека нивните барања не се кадровски, туку повеќе програмски. Меѓутоа, се чини дека апетитот на АА не е толку мал…

-Нема веќе Министерство за бурек. Вие знаете дека не прифаќаме такви министерства-изјави Таравари.

На мета е Министерството за здравство, но Алтернатива не попушта. Секретарот на партијата, му порача на Таравари дека можат да им го направат истото сценарио како во 2017 година.

-За нас како партија нема никаков проблем, одиме во опозиција, дури и ќе растеме, не ја расипува тоа работата, но во времето кога ѝ го направија на АА во 2017 година, тоа ѝ го направија и на Алтернатива, на БЕСА во 2021 година, а денес тоа ѝ го прават на Алтернатива. Се плашам дека тоа ги турка албанските партии веќе да не учествуваат на избори, бидејќи што е смислата да се учествува на избори, дури и во Влада каде што правилата се да нема правила?-изјави Секретар на Алтернатива.

А според ВМРО-ДПМНЕ, влезот на АА во Влада е чуден. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски смета дека Таравари можеби е уценет.

Проширувањето на мнозинството би ја зголемило ефикасноста на работата на Собранието и институциите, смета премиерот, Димитар Ковачевски.

Шансите за проширување на парламентарното мнозинство се зголемија уште повеќе откако АА го избра преговарачкиот тим за влез во Владата. Централното раководство го овласти Управниот одбор на партијата да продолжи да ги води натамошните преговори. Се очекува викендов лидерите на владејачките партии повторно да се сретнат со првиот човек на Алијанса за Албанците.