Граѓаните кои имаат неплатени сметки за комунален отпад ќе можат во наредниот период да ги подмират своите обврски под поволни услови, без дополнителни трошоци за камата.
Како што соопштува ЈП Комунална хигиена-Скопје, станува збор за акција наменета за корисниците со заостанати долгови евидентирани преку ЈП Водовод и канализација-Скопје, по основ на неплатени сметки за собирање и транспортирање на комунален отпад.
Со оваа мерка, на граѓаните им се овозможува да ги подмират своите обврски без пресметување камата за задоцнето плаќање, при што акцијата ги опфаќа и редовните и тужените долгови.
Можноста за отплата без камата е временски ограничена и ќе трае од 20 април до 5 јуни 2026 година, период во кој корисниците можат да ги регулираат своите обврски под поповолни услови.
Од претпријатието апелираат до граѓаните да ја искористат оваа можност и навремено да ги подмират долговите, со цел да избегнат дополнителни финансиски оптоварувања во иднина.
