Без лиценца остана голема фирма за брзи кредити, Министерството не го открива името

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Засилените контроли во финансискиот сектор продолжуваат да резултираат со мерки против компании кои не ги почитуваат законските обврски. Од Министерството за финансии информираат дека е одземена дозволата за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, по утврдени сериозни неправилности во неговото работење.

Од Министерството наведуваат дека постапката е покрената по пријава од граѓанин, по што бил спроведен вонреден надзор кој утврдил прекршувања на законските прописи и правила за заштита на корисниците на финансиски услуги. Името на друштвото засега не се објавува.

„Надзорот утврди грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги. Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии донесе решение за одземање на дозволата за работа“, стои во соопштението.

Од Министерството додаваат дека од почетокот на годината се изречени 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдени неправилности. Се најавуваат и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите за работа на овој тип компании, со цел поголема заштита на граѓаните.