„Без познаник, ќе чекаш со часови“ – Тетовци се жалат за неправилности при чекање ред за вакцинација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За да се вакцинираш во Тетово треба да имаш некој познаник или треба да чекаш со часови за да дојдеш на ред. Ова се дел од поплаките на тетовци кои дојдоа да примат вакцина на вакциналниот пункт во Домот за јавно здравје – Тетово.

„Од 6 часот чекам, нема ред, нема правила, со врски влегуваат, со телефонски повици… Само кај овие два пункта…. нема никакви правила. Пред две недели имав термин, не ја примив вакцината поради долгата колона и неправилности. Сѐ е корупција. Би повикал на ред и правда, бидејќи не оди сѐ со корупција“, вели граѓанка.


„Од 6 часот. Видете, самата држава го носи вирусот. Се собравме 300 илјади жители, самата држава го шири ковидот..“, додаде граѓанин.

„Уште рано утрово ја дадов личната карта и сѐ уште не ме повикаа. Тука ќе се разболиш и ќе паднеш. Би порачал дека треба да има повеќе пунктови“, вели граѓанин.

Лекарката Едона Салили вели дека процесот на имунизација тече непречено, но признава дека граѓаните треба да чекаат за да дојдат на ред. Додава дека дневно се вакцинираат над 2 илјади граѓани и дека тие, како медицински персонал, го даваат својот максимум.

„Интересот на граѓаните е многу голем. Имаме од 2.000 до 2.500 граѓани на ден кои се вакцинираат со „Фајзер“ и граѓани над 60 години со „Астра Зенека“. Има многу граѓани. Вакцинацијата е без термин, но толку успеваме. Многу луѓе доаѓаат уште рано наутро и толку се постигнува. Некогаш и системот ни блокира. Здравствениот дом го дава својот максимум, но толку можеме да постигнеме“, истакна Едона Салили.

Во Тетово досега се вакцинирале над 30 илјади граѓани, велат од Домот за јавно здравје. Голем е бројот на вакцинираните, но исто така и на оние кои сѐ уште не примиле ниту една доза. Рестриктивните мерки кои се воведоа за невакцинираните граѓани го зголеми интересот за имунизација, особено во Полошкиот регион.