Безбедносната агенција на Србија го советува Вучиќ да не оди во Црна Гора на Самитот ЕУ-Западен Балкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Присуството на претседателот на Србија Александар Вучиќ на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Црна Гора е под знак прашалник, откако српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) го советуваше да не патува од безбедносни причини. БИА смета дека е закана можното присуство водачот на криминалниот кавачки клан Радоје Звицер.

„Поради непријателското дејствување на странски служби и криминални кланови во Црна Гора, БИА официјално го советуваше претседателот на Република Србија да не патува во Црна Гора, затоа што е утврдено дека постои безбедносен ризик. Според наши оперативни сознанија, водачот на кавачкиот клан Радоје Звицер се наоѓа во Црна Гора“, соопшти БИА.

Според претседателката на Парламентот Ана Брнабиќ, Вучиќ бил решен да учествува на Самитот.

„Сериозно сум загрижена, затоа што тој не сака да чуе за откажување на патувањето во Црна Гора, и не постои никаква шанса да го убедам. Навистина не е безбедно да патува таму“, кажа Брнабиќ.

Министерството за надворешни работи на Црна Гора, објави дека во пресрет на Самитот во Тиват ги презема сите мерки да ги пречека учесниците на највисоко ниво. Најавено е дека Самитот ќе го обезбедуваат над 1500 полицајци.