Некој со авион, некој со автомобил. Се собираат премиерите на земјите од Балканот по повод одржување на Самитот на „Отворен Балкан“.
Безбедноста во Охрид е на високо ниво…
Вечерва премиерот Димитар Ковачевски ќе има работна вечера со премиерот на Албанија, Еди Рама, Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.
Согласно утрешната агенда, пред Самитот се предвидени официјални обраќања, а освен премиерите и министрите од регионот, видео вклучување ќе имаат и еврокомесарот за соседна политика и проширување, Оливер Вархеји и заменик помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На Самитот нема да учествува Косово, од каде велат дека „Отворен Балкан“ е иницијатива на Србија за да ги промовира своите руски и кинески интереси.
И претседателот на Демократската партија, Сали Бериша, иницијативата ја нарече алијанса опасна по мирот и безбедноста на Балканот, која има за цел воспоставување на српската хегемонија и руското влијание во регионот.
Но, премиерот на Албанија, Еди Рама, уверува дека „Отворен Балкан“ ги гарантира суштинските слободи за решавање на конфликтите на нашиот континент.
-„Отворен Балкан“ е во функција на што побрзо придвижување кон остварување на слободното движење на луѓето, стоката, капиталот и услугите и во регионот што поскоро да се спроведат четирите слободи на ЕУ, вели Рама.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека концептот „Отворен Балкан“ предвидува слободно движење на стоката, капиталот, услугите и луѓето.
Предвидено е на крајот на Самитот да бидат потпишани договори за соработка на Западен Балкан за меѓусебно признавање на дипломите и научните проценки издадени на високообразовните институции и други установи, како и меморандуми за разбирање за соработка во туризмот, културата и даночната администрација.
Иницијативата „Отворен Балкан“ предвидува воспоставување зона за слободно движење на луѓе, стоки и услуги меѓу земјите-членки.
Иницијативата е покрената во 2019 година, која до денес, и покрај тоа што ужива во поддршката на ЕУ, како и на претходната и актуелна администрација на САД, не успеа да се прошири.
