Нула деца на листите за чекање за упис во градинките до крајот на мандатот е целта што ја постави Владата, порача премиерот Христијан Мицкоски при отворањето на новата детска градинка „8 Април“ во Шуто Оризари.
Мицкоски истакна дека со ставањето во функција на новиот објект ќе се зголемат капацитетите за згрижување на децата во општината, а најави и обезбедување кадар за негово целосно функционирање.
„Навистина сум пресреќен што овој објект ја добива својата суштина, ја добива својата вистинска намена. А тоа е да биде дом за дечињата кои што тука ќе можат да го поминуваат своето детство, еве така да кажеме, најубавите денови во својот живот“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата во најскоро време ќе даде согласност за вработување на потребниот кадар, со што, како што посочи, инвестицијата ќе може целосно да биде ставена во функција.
Според премиерот, со новата градинка повеќе нема да има листа на чекање за запишување деца во градинките во Општина Шуто Оризари, односно постојните капацитети ќе бидат целосно искористени.
Мицкоски посочи дека истата цел треба да се постигне и на ниво на целата држава.
„Ако бројката беше 4.500 на почетокот од мандатот на оваа Влада, целта е на крајот на мандатот од оваа Влада да имаме нула дечиња кои што ќе бидат на листа на чекање. Мислам дека и порано тоа ќе го реализираме, но се зависи од динамиката на изградба на објектите“, изјави премиерот.
