Битиќи: Да не се прави слика дека немаме струја – Мицкоски одби да оди на владиниот економски совет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сите мерки што Владата треба да ги преземе се преземаат, уверува вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, кој повторува дека сепак ќе претстои тешка зима со енергетската криза. Но, дали во обидот да се договори доволно електрична енергија ќе останеме само на договорот со Србија кој веќе е во финална фаза, откако од Бугарија велат дека се подготвени да испорачаат електрична енергија за Македонија но по берзански цени, што е далеку поскапо од она што предлагаме, а тоа е 200 евра за мегават час. Битиќи вели дека не треба да се создава атмосфера дека граѓаните ќе останат без струја, туку дека се прават напори компаниите да имаат поевтин енергенс.

„Тоа што се преговара е да им се излезе во пресрет на 1.360 компании. Тоа е борбата во овој момент која што ја правиме сите заедно за да обезбедиме евентуално понизок енергенс за нив. Секако има одреден бафер на домашно производство, домашни капацитети кои што можат да се стават во функција. Се создава слика дека немаме обезбедено електрична енергија за граѓаните, секако може да се случи се, електроенергетскиот систем е жив, е стар за жал, е преамортизиран може да се случат секакви испади“, истакна Фатмир Битиќи.

Токму за ова ќе се расправа и на Економскиот совет на која преку јавноста е повикан да присуствува и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој предлага план за енергетската криза. Не е познато дали поканата е испратена и официјално до него.

„Ако не е испратено, ќе биде испратено, секако сметам дека тие се добредојдени на Економскиот совет. Во суштина, кажувам, во криза сите разумно треба да се однесуваме.  Сметам дека играњето со ексклузивност кој што ќе помогне не помага во овој момент. Владата е место каде што институционално се решаваат работите“, додава Фатмир Битиќи.

Мицкоски и денеска го понуди неговиот план за справување со енергетската криза, со која, како што вели, ќе има двојно пониска цена на електричната енергија за фирмите со што ќе се зачуваат работните места. Но, ја одби поканата да присуствува на Економскиот совет.

„Ако тие работи Економскиот совет ги решаваше немаше да има потреба од мене и да дојдеме ние до една ваква ситуација и до сега ќе беа решени, бидејќи тој вели дека успешно таму се решавале тие работи. И бидејќи сега таа една работа до сега не е решена не гледам причина зошто би влегол јас во ова сценарио на претварање на целата оваа работа во пазар. Тоа што го нудам е под 200 евра за мегават саат концептот за компаниите, да нема зголемување на цената за затоплување на граѓаните кои што го користат“, порача Христијан Мицкоски.

На оваа изјава на Мицкоски реагираа од СДСМ од каде велат дека ако сака Мицкоски да помогне да ја дава бесплатно струјата од неговите хидроцентрали за граѓаните.