Вицепремиерот Фатмир Битиќи во вечерашното дебатно издание „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека е оптимист за прашањето со Бугарија.
„Како што веројатно малку беа оптимисти дека ќе се избориме за играње во Европско првенство, момците покажаа дека сплотени тоа го можат, еве уште еден апел дека сплотени и овој предизвик ќе го поминеме, а тоа значи да оставиме шанса на преговорите што се одвиваат, секој еден ден, секој час, секоја минута за да се дојде до решение. Верувајте малку повеќе секој еден граѓанин, секоја една политичка партија дека тие којшто ја претставуваат во овој момент државата нема да се изборат за нешто што не е достоинствено за државата“, вели Битиќи.
Тој додава дека на крај од денот тие, сите до еден покажале дека знаат како треба да се борат за државата.
„Сите до еден, и политички партии и медиумите до денот кога се одвиваат преговорите да помогнат, да не бидат неконструктивни туку да помагаат во процесот со Бугарија затоа што ние знаеме како се носи дресот на Македонија, без разлика дали тоа е Фатмир, Бујар, Зоран или Никола“, порачува Битиќи.
Има работи за кои не се преговара, порачува денеска премиерот Заев во однос на можноста за постигнување на решение со Бугарија. Премиерот вели дека не го губи оптимизмот дека решение е можно но вели бугарската страна е свесна дека постојат граници на можниот компромис.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи потврдува дека земјава сеуште нема решение за спорот со Бугарија.
