Професионалните екипи на ЈКП Гостивар и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје изработуваат план за повторно ставање во функција на гостиварскиот водовод. Планот предвидува континуирани контроли на квалитетот на водата на неколку јавни точки, додека министерот за здравство, Сашко Клековски, нагласува дека снабдувањето со вода ќе биде обновено само откако ќе се потврди дека таа е целосно безбедна за употреба. Во меѓувреме, Министерството за здравство побара од Центарот за јавно здравје да ги достави сите мостри од вода земени во текот на годината, заедно со датумите и соодветните локации.
„Јавното комунално претпријатие, како давател на услугата, со закон е задолжено како се врши проверка на квалитетот на водата. Прашањето е дали ЈКП ја вршело таа работа, бидејќи, еве можам да кажам, Центарот за јавно здравје во Тетово – подрачна единица Гостивар, ја добила набавката за вршење контрола, меѓутоа таа е со ограничен број на мостри годишно и, во рамките на тие мостри годишно, Центарот за јавно здравје ги земал мострите. Ние сега ги анализираме резултатите и местата кадешто се земени мострите, бидејќи тоа ќе биде потребно за планирање на следните чекори.“, изјави Клековски.
Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со кризата прогласена во Гостивар и механизмите за институционална поддршка што ќе ги преземе Владата, изјави дека приоритет е обезбедување техничка вода за жителите, а потоа и вода за пиење за домаќинствата во Гостивар.
„Важно е сега, откако полека но сигурно работата се презема, после летаргијата којашто ја имаше општината, од страна на државните институции, да обезбеиме најпрво техничка вода, а потоа да обезбедиме и вода за пиење. Останатиот дел – постапува Обвинителството, сите оние коишто се одговорни за ова ќе треба да бидат сослушани и, нормално, да се преземат мерки против истите. Веќе три лица се идентификувани како такви. Јас колку што знам, определени се мерки за обезбедување. Така што, институциите, како никогаш досега, во најбрзо време реагирале.“, изјави Мицкоски.
Надлежните институции апелираат до граѓаните и понатаму да ги следат препораките на компетентните органи.
