И по два месеца нема никаков епилог за дивоградбата во населбата Бала Мала во Кичево. Објектот е изграден на јавен имот кој е прогласен за културно наследство од Министерството за култура.
Објектот е издаден и во него е отворена продавница за детски играчки. Лицето кое сега ја менаџира продавницата вели дека објектот го зел под наем и тоа со договор за 5 години.
-Под наем, со договор, имаме договор за 5 години.
Жителите од населбата велат дека иако поминале 2 месеца,никој не ги информирал за ништо. Тие бараат објектот да се отстрани што поскоро и да се отвори патот од стариот дел на градот, во спротивно ќе преземат порадикални мерки.
Адвокатот на жителите од оваа населба вели дека од 26 јули оваа година нема никаков одговор од Инспекторатот за урбанизам и другите релевантни институции.
АРИЈАН ИМЕРИ, АДВОКАТ
„Ние на 9 јули се обративме до Инспекторатот за урбанизам во Скопје и на 26 јули 2021 од страна на Државниот инспекторат за урбанизам во Скопје добивме информација дека побарале од градоначалникот Фатмир Дехари , во рок од 5 дена да ги информира за објектот. Дали има дозвола, дали е изграден на државен имот,и од 26 јули немаме никаков одговор а објектот остана на местото каде што е изграден.“, вели Аријан Имери.
Дехари вели дека местото каде што е изграден не е под надлежност на општината, ниту под општинскиот инспекторат бидејќи е изграден на државен имот, тој вели дека го известил Државниот инспекторат за урбанизам дека објектот е дивоградба и е изграден на државен имот.
„Инспекторатот откако ги доби сите информации и потребни мерки, го известивме државниот инспекторат и потоа следеше и посета на лице место каде што е изграден објектот и од страна на државниот инспекторат и ние како институција чекаме да видиме какво ќе биде епилогот од страна на државниот инспекторат.“, вели Дехари.
Од државниот инспекторат за урбанизам не одговорија на прашањата на ТВ21 до овие моменти.
На местото каде што е изграден објектот имало барака која е урната на 13 јуни и веднаш потоа, за неколку дена е подигнат овој објект, на местото кое било предвидено за улица во населбата Бала Мала, на улицата Охридска која води кон улицата Маршал Тито.
