Студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје е реконструиран и пуштен во употреба, со капацитет од 1.150 кревети. Обновата е дел од програмата за модернизација и зголемување на енергетската ефикасност на државните студентски домови, со финансиска поддршка од Германската развојна банка и Европската Унија. Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека наскоро ќе биде отворен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, со дополнителни 280 места за студенти. За двата студентски дома вкупно се инвестирани 20 милиони евра.
„Делумно е исполнето, а студентите кои се тука веќе не треба да се грижат дали им протекува вода од таванот, дали имаат топла вода, ниту дали е топло или студено, ниту дали има влага по ѕидовите. Верувам дека сега можат да се посветат само на учењето.“, рече Весна Јаневска.
„Инвестицијата е зелена инвестиција. Значително ќе помогне во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид, односно истовремено е и инвестиција во нашата еколошка иднина. Ова е исто така убав ден, бидејќи секоја инвестиција во младите е инвестиција во нашата иднина.“, вели Михалис Рокас.
