Бизнисот во Кичево бара нов економски курс – Азески: Наредните две години клучни за развојот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Стопанската комора во Кичево се одржа седница за разгледување на актуелната економска состојба во регионот, инфраструктурните приоритети, поддршката на локалните компании, како и можностите за заеднички иницијативи меѓу бизнис-заедницата и локалната власт.
На седницата присуствуваше и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, како и градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, при што беше истакнато дека во наредните две години Македонија ќе има значителен напредок.

„Македонија за две години ќе изгледа како градина во која ќе се отворат перспективи за задржување на младите во земјата, ќе се отворат перспективи за нов стандард и компаниите да имаат поголем профит. Тоа што во моментов го работиме заеднички мислам дека е основа за барањата на бизнисите подолг период. Станува збор за нов инвестициски циклус кој заедно со приватниот сектор ќе изнесува 12–13 милијарди долари.“, рече Азески.

Тој зборуваше и за актуелната економска состојба, истакнувајќи дека за нејзино надминување е потребен регионален стратешки партнер.

„Една реченица ќе ја кажам отворено – на Македонија ѝ треба регионален пријател, да се напушти политиката на дистанца и да се фати курс со кој точно ќе знаеме каде одиме, со кого одиме, со каков потенцијал и со какви средства одиме во таа насока. Без тоа нема никаков напредок. На Македонија ѝ треба пресврт, затоа што досегашната работа не даде резултат.“, вели Азески.

На седницата присуствуваа и раководителите на регионалните комори од Битола, Охрид и Прилеп.