Има благ пораст на нови позитивни случаи во градинките, но не е достигнат пикот како во претходниот бран кој што беше пред зимата, па затоа моментално децата се сигурни во градинките, вели министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска. Таа додава дека Комисијата за заразни болести ќе донесе одлуки во зависност од епидемиолшката состојба.
„Има благ пораст на нови позитивни случаи во градинките, меѓутоа имајќи го предвид фактот што од 13 600 деца присутни во градинките, пресекот до минатиот петок беше дека само 19 дечиња се позитивни, говори за тоа дека престојот на децата во градинките се уште е безбеден“, вели Шахпаска.
Поради пандемијата на стручните работници во градинките како што се логопедите, психолозите и педагозите им е забрането да работат со децата во градинките и тоа негативно влијае врз нивниот развој. Шахпаска вели дека проблемот ќе се реши поединичено во секоја градинка на локално ниво.
„Секако дека стручната работа со децата е значајна и од тука начинот со кој ќе се менаџира со индивидуалната работа со носење на заштитна опрема од страна на логопедите, психолизите, педагозите и останатите компетентни работници ќе се изменаџира на локално ниво во секоја градинка поединечно“, рече Шахпаска.
Инаку се реконстуираше едниот дел на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост од 14 до 26 години во Заводот за рехабилитација на деца и млади во населба Топанско Поле. За ова Министерството за труд и социјална политика вложило 5,3 милиони денари. Во другиот дел на објектот каде се сместени повозрасните лица за реконструкција се чекаат пари од Европската Унија.
