Благојче ја изгуби битката со болеста – пациентите со цистична фиброза сѐ уште го чекаат лекот „Трикафта“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почина Благојче Илиевски, 45-годишниот пациент со цистична фиброза, кој беше во многу тешка здравствена состојба. Тажната вест ја потврдија и од Здружението за цистична фиброза, од каде велат дека Илиевски до последен здив го чекал лекот за оваа ретка болест.

„Згасна еден живот- згасна еден свет! Асоцијацијата за цистична фиброза со преголема тага и скршеност известува дека денеска изгуби еден свој соборец, кој до последен здив веруваше дека ќе ја дочека новата терапија со Трикафта, надеж која заедно со него ја крепевме со последните атоми, стотина пациенти во државата, главно деца и млади со ЦФ. Заради ова, нашиот револт, огорченост и потресеност се исклучително големи, особено затоа што како АЦФ лекот го бараме од 2020 година и апелиравме постојано за итноста од воведување современа модулаторна терапија“, велат од Асоцијацијата за цистична фиброза

Оваа фотографија е од посетата на Илиевски кај претседателот на државата во јуни 2021 година, каде што се гледа дека Благојче постојано е со боца со кислород. Во меѓувреме, се уште не се знае кога ќе биде обезбедена потребната терапија за останатите пациенти кои чекаат и се со тешка состојба. Се очекуваат законски измени кои зависат од три институции.

Инаку Илиевски беше дел од Здружението кое се бори државата да го обезбеди лекот „Трикафта“. Кај нас околу 140 лица се дијагностицирани оваа ретка болест.