Блерим Река со реакција за „Отворен Балкан“ – „Нема балкански Мини Шенген, туку тројка од Нови Сад“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

И додека Северна Македонија, Србија и Албанија се обединија на Економскиот форум за регионална соработка, познат како балкански мини Шенген, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора ја отфрлија иницијативата. Против ваквата соработка реагираше поранешниот министер за европски интеграции во Косово, Блерим Река. Тој на својот профил на Фејсбук напиша дека денеска трите земји учеснички на Форумот ја погребале идејата за „балкански мини Шенген“, а од друга страна пак, ја промовирале тројката од Нови Сад.

„Денеска во Скопје, „тројката“ од Нови Сад го погреба „балканскиот мини Шенген“  и го промовираа трилатералното. Вучиќ потфрли цели три години за да ја продаде реинкарнацијата на Југославија во амбалажа на регионална интеграција. Малиот Шенген беше фасада на голема Југославија. Другите три балкански земји го одбија. Друг исход и не можеше да се очекува без согласноста на сите 6 земји од регионот“, истакна Блерим Река. 

Река уверува дека веќе неколку години Белград се обидува да ја продаде идејата за европска Југославија, но под името балкански мини Шенген, а ја одбива секоја иницијатива на земјите од регионот за слична економска соработка.

„Ниту Црна Гора (последниот конституент на последната Југославија), па дури ниту Босна и Херцеговина (со Република Српска внатре), не беа „привлечени“ од понудата на Белград. Косово пак, категорично ја одби, не само затоа што не беше поканете како суверена и независна држава, туку и поради ризикот на замената на членството во ЕУ со „регионална интеграција“ под српско туторство“, посочи Блерим Река.

Река смета дека ваквото поврзување меѓу земји со спротивни геостратешки ориентации не може да функционира, односно со Србија која е анти-НАТО и сојузничка на Русија и која наместо во ЕУ, влегла во евроазиската унија на Путин, како и со земји-членки на НАТО кои немаат друга алтернатива освен евроатлантската интеграција.