Ироничното табло на СДСМ каде опозицискиот лидер Мицкоски е претставен како класен раководител заедно со насоката “неработници“, толку многу ја навреди ВМРО-ДПМНЕ, што денеска, на почетокот на пленарната седница, претседателот парламентарната група на оваа партија, Никола Мицевски демантираше дека пратениците на ДПМНЕ не учествуваат на седницата.
Како против-одговор на вчерашното табло на СДСМ, на социјалните мрежи се појави опозициско табло! Со наслов “Државна криминална академија“ со две наставни насоки на “тендераши“ и “грантисти“, а социјалдемократите се претставени како апсолвенти.
Координаторот на ПГ на СДСМ, Јован Митревски ја поддржа идејата на Мицевски за водење евиденција и санкционирање според законот за кратење на платите, но парламентарниот спикер Џафери им рече да не прават работи што не се под нивна надлежност.
Активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ трае веќе трет ден. И денеска во салата имаше транспаренти. Опозициските пратеници се во салата, но блокираат со одолговлекување барајќи збор за се, или, како што велат, “за да зборуваат за сите штетни политики“.
Јован Митревски од СДСМ вели дека опозицијата е неуспешна во своите обиди за блокирање а рече дека е убеден дека нема да има предвремени избори.
Инаку, Европската комисија апелираше до парламентарните партии во земјава да се однесуваат конструктивно, пренесува МИА.
