Блокадата во Собранието во извештајот на ЕК – „Нема да навлегувам во толкување на историјата“, вели Гир за бугарските клубови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Евроамбасадорот Дејвид Гир одбегна да одговори дали отворањето на бугарски клубови именувани со контроверзни личности е провокација за Македонија. Инцидентите предизвикани од формирањето на здруженијата и клубови со имиња кои низ историјата имале негативно влијание во земјава се чини дека се добар повод да се обвини Македонија дека не ги почитува човековите права. Гир рече дека тој не е компетентен да навлегува во прашања поврзани со историјата, но истовремено кршењето на таблата на здружението Цар Борис во Охрид го нарече инцидент кој ја преминува линијата.

„Јас нема да навлезам во толкување на самата историја. Дозволете ми само да кажам дека оваа земја има добар историјат добро досие што се однесува на односите помеѓу самите заедници кои што живеат во земјата. Всушност, што се однесува на овој посебен инцидент кој што се случи пред неколку дена Министерството за надворешни работи излезе на многу јасен начин, веќе кажа многу јасно дека линијата беше премината во врска со ова прашање“, вели Дејвид Гир.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека Владата веќе реагирала за отворање на вакви здруженија и клубови кои не придонесуваат за добрососедски односи.

„Владата имаше реакција од повеќе официјални лица и таа реакција е јасна и недвосмислена дека не сметаме дека називите на овие клубови придонесуваат за добрососедски односи и ги сметаме за провокација. Сметаме дека се контроверзни но мислам дека е многу подобро за нас како демократска држава, членка на НАТО, членка на Советот на Европа, членка на ОБСЕ, кандидат за членство во Европската унија да ги решаваме овие прашања институционално наместо со насилство“, посочи Бојан Маричиќ.

Инаку и Гир и Маричиќ кои ја одржаа прес конференцијата за Извештајот за напредокот на земјава кон евроинтегративните процеси со заедничка оценка дека Македонија има позитивни оценки. Сепак како проблематично беше наведено функционирањето на Собранието, во кое опозицијата беше посочена дека ја блокира работата.

„Вистина е дека за скрининг процесот и самото Собрание е вклучено, има улога да одигра особено за Националниот совет за евроинтеграции треба да ја одигра својата улога, меѓутоа Собранието ќе има круцијална улога во текот на целиот тој процес на преговарање ќе биде клучно за усвојување на закони. Исто така треба да има вистински надзор над самите дејства на извршната власт и имплементација на самите реформи, всушност ќе биде круцијална како централна точка за јавните дебати“, истакна Дејвид Гир.

„Не можеме да ја заобиколиме политичката стратегија на опозицијата да не функционира Собранието. Гледате дека и во вакви тешки услови се донесуваат и закони и се движат процедурите иако многу споро. Значи ние правиме и сега напори, спремни сме и понатаму да правиме напори но важно е консензусот за ЕУ да биде покажан на дело да не биде само политичка декларација“, вели Бојан Маричиќ.

На прес конференцијата на која евроамбасадорот Гир му го врачи годишниот извештај на вицепремиерот Маричиќ, беше истакнато дека Европската комисија нотирала добро ниво на подготвеност на земјава, но и дека се потребни забрзани реформи и дека за тоа треба да се искористи скрининг процесот. Македонија е оценета како умерено подготвена кога станува збор за јавната администрација, судството, борбата против корупцијата.