Блокираа автопат, па завршија во полицијата – жителите од Средно Коњари добија опомени, но со протестите нема да запрат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Два дена по ред по неколку часа го блокираа автопатот Миладиновци-Штип. Поради тоа доцна синоќа десетина жители на скопското село Средно Коњари завршија во полициска станица.

Добиле покана да се јават во Автокоманда и да дадат исказ. Признаваат дека протестите не ги пријавиле во полициска станица.

Десетица жители на Коњаре два дена по ред протестираат во знак на револт блокирајќи го автопатот Миладиновци – Штип. Според нив протестот е резултат на тоа што компанијата повторно почнала со ископот на песок, а со тоа како што велат, се уништува природата, но се доведуваат во опасност и нивните домови. 

Сепак, законот за протести и јавни собири е јасен.  

„Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен:

– до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните,

– до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив и

– на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај“, се вели во Законот за јавни собири.

Иако за вакво нешто е предвидено и кривична пријава, сепак жителите кои синоќа беа на распит во полициска станица, поминаа само со опомени.

Жителите на Коњари за овој случај протестираа и неколку пати претходно. Велат дека нема да се откажат се додека компанијата не се откаже од ископот на песокот, бидејќи според нив се оштетува плодно земјиште и нивните домови се загрозени. Но од друга страна од тоа што е познато, сега за сега според последната соопштена информација од Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање есе подготвува нов елаборат од геодетската компанија. Вреди да се напомене дека компанијата која врши ископ на песок има лиценца за таква дејност.