Целосното затворање на железничката линија Мадрид – Барселона за сообраќај за време на реконструкцијата е една од опциите што се разгледуваат, изјави денеска шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте.
„Тоа е една од работите што во моментов ги проценуваме, не само од безбедносни причини, туку и од повеќе други причини“, изјави Пуенте на прес-конференција посветена на железничката несреќа во Урди, во која загинаа најмалку 69 лица, пренесува „Ел Паис“.
Пуенте истакна дека во Шпанија реконструкцијата на железничките линии вообичаено се изведува без целосен прекин на сообраќајот. Тоа, како што посочи, понекогаш предизвикува проблеми со сигурноста и точноста на железничкиот превоз.
Тој го спореди овој пристап со моделот што се применува во Германија, каде што железничкиот сообраќај се прекинува, а патниците остануваат без услугата додека траат градежните работи.
Сепак, по двете железнички несреќи во период од девет месеци на линијата Мадрид – Севилја, според Пуенте, потребно е да се донесат одлуки за начинот на кој ќе се изведуваат идните реконструкции.
