Бојкот на онлајн наставата во Кичево – Царовска: Бојкотот не носи ништо добро за оваа генерација!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Советите на родители во училиштата во Кичево се децидни да ја бојкотираат онлајн наставата.
Родителите се кренаа на нозе по одлуката на Министерството за образование и наука за онлајн настава за учениците од шесто до деветто одделение и средношколците. Тие настојуваат наставата да се одржува со физичко присуство. Од Советот на родители на Основното училиште „Реџе Рушит Зајази“ велат дека ќе ја бојкотираат онлајн наставата. Директорот на училиштето уверува дека 99% веќе се подготвени за наставен процес со физичко присуство.

„На истиот состанок едногласно беше одлучено од страна на родителите да ја бојкотираат наставата и образовниот процес по секоја цена да се одржува со физичко. Нашето училиште во однос на подготовките за настава со физичко присуство, се потрудивме сето она што е побарано, и во однос на планот, и во однос на протоколот, и во однос на алгоритамот презентиран од МОН, да се подготвиме и 99% сме подготвени за настава со физичко присуство“, посочи Насер Исмаили.

Ваква одлука донесе и училиштето во кичевското село Грешница. Претседателот на Советот на родители, Исмаил Рамадани, рече дека бараат по секоја цена настава со физичко присуство.

„Ние како Совет на родители одлучивме. По вчерашниот состанок кој траеше до 20 часот, донесовме одлука наставата да не се одржува во онлајн формат. Ќе ја бојкотираме. Бараме да продолжи редовната настава“, истакна Исмаил Рамадани.

Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, вели дека ја известил министерката за образование Мила Царовска околу бојкотот на наставата. Како што вели, тој се солидаризира со родителите.

„Родителите имаат право да реагираат. Јас ја известив министерката преку допис дека може да дојде и до бојкот и од учениците, и од Советот на родители. Ние ги информиравме за сите услови кои ги исполнуваат нашите училишта согласно протоколите кои произлегуваат од надлежните институции“, порача Фатмир Дехари.

Првиот човек на МОН, Мила Царовска, вели дека бојкотот на настава нема да донесе ништо добро.

80% од Советите на родители во општина Кичево најавија бојкот на наставата од далечина.