Бојмацалиев го демантира Тошковски: Не е точно дека ЕУ ќе дозволува да се патува со старите пасоши

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Не е точно дека граѓани без проблем ќе можат да патуваат во земјите од Европската унија, изјави за ТВ21 дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, кој истакна дека секоја земја самостојно ќе одлучува како ќе постапи.

Ваквата изјава доаѓа откако претходно техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека е добиено писмо од Комитетот за патни исправи на Европската унија во кое е наведено дека земјите членки на ЕУ ќе имале разбирање за проблемот и немале да прават проблеми за патување на нашите граѓани со непроменети патни исправи. Во дописот никаде не пишува стриктно дали може или не може да патуваат, вели Бојмацалиев.

Таму пишува дека треба да се изнајде решение а во моментот сите земји членки одлучуваат самостојно. И има прашање до нас уште колку ни е потребно време за промена на патните документи и која бројка е останата. Никаде стриктно не вели Европската унија дека граѓаните можат да патуваат. Значи таа во моментот нема децидна одлука може или не може.  Се остава сите земји членки да донесат своја одлука бидејќи Република Грција ги има известено, Република Северна Македонија нема никого известено дека патните исправи не се во важност“, вели Митко Бојмацалиев.

А токму ова е наведено во дописот од Комитетот за патни исправи на Европската унија.

На Комитетот за патни документи кој е консултативно тело – експертска работна група, каде е појаснето дека пасошите се во надлежност на земјите членки и на ЕУ ниво се одлучува единствено за безбедносните карактеристики поради Шенген“, се вели во дописот од ЕУ до МВР.

Но техничкиот министер Тошковски тврди дека со непроменет пасош граѓаните ќе можеле да патуваат.

Нашите граѓани кои што се надвор од Македонија, еве ќе дадам еден податок, 70 илјади граѓани, македонски државјани има во Германија кои што имаат патна исправа со старото име. Тој податок го имаат нашите пријатели од Германија, ама ние го немаме. И сега тие 70 илјади граѓани без проблем ќе можат да отидат во Чешка, дел од Европска унија без проблем ќе можат да отидат во Унгарија, без проблем ќе можат да отидат во Бугарија, без проблем ќе можат да отидат во Албанија, во Косово, ама не можат да дојдат во Македонија“, вели Панче Тошковски.

Деновиве техничкиот министер Тошковски најави и дека ќе биде спроведена истрага околу тоа зошто првичната порачка од 400.000 обрасци е сменета и се порачани само 20.000. За ова Бојмацалиев вели дека воопшто не станува збор за некакво саботирање како што се сака да се претстави во јавност, туку вкупниот број обрасци се испорачуваат во неколку етапи.

Истрагата е побарана од новиот технички министер Панче Тошковски само можам да потврдам дека не се работи за никаква саботажа во Министерството за внатрешни работи и ќе дадам конкретни примери зошто тоа не е така. На самиот ден на примопредавање има во МВР 50.000 пасоши. Минатата недела стигаат 20.000 пасоши, во четврток или петок добиваме бројка од над 100 илјади пасоши и наредната недела добиваме околу 120.000 пасоши. До следната тура на обрасци која ќе дојде некаде над 300.000 обрасци во месец јуни“, вели Митко Бојмацалиев.

Народниот правобранител Насер Зибери вели дека до него постојано се доставуваат претставки за доцнењето со личните документи. Тој најави дека деновиве екипа од канцеларијата на Омбудсманот ќе го посети МВР за да изврши увид како функционира издавањето лични документи.