Боки и Зоки останале 36 минути кај Камчев, ги снимал со камери, а торбата од 1 милион ја сместиле на задното седиште

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Подносителот на пријавата за „Рекет“ Орце Камчев, најмалку со три камери ги снимал Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец во неговиот дом.

На снимките кои во судница ги презентираат обвинителките Ивана Трајчевска и Вилма Рускоска, се гледа како обвинетиот и правосилно осудениот доаѓаат во домот на Камчев. Јовановски при влезот во домот носи и црна голема машка ташна, а Кичеец доаѓа со празни раце. Кога го напуштаат домот, Кичеец носи голема „Луј Витон“ ташна, во која, според сведочењето, се наоѓаат 1 милион евра.

На досегашните снимки не се гледа како Камчев ги подготвува парите, ниту што има во торбата. Откако го напуштаат домот на Камчев, Боки и Кичеец торбата ја ставаат на задното седиште во портокалов џип. Од снимките се гледа и регистарската табличка на истиот.

Судот даде 10 минути пауза за техничка подготовка за продолжување со презентирање на докази. Но, паузата е подолга од 30 минути.

Денеска случајот „Рекет“ ќе се работи до 13 часот, по што судењето ќе биде прекината поради обврска на адвокатите.