Болниците се полнат, кревети се помалку – „8-ми Септември“ повторно ќе биде ковид центар

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Моменталните капацитети за хоспитализирање на Ковид пациенти се речиси исполнети. Градската општа болница, 8-ми септември повторно ќе стане Ковид центар.

„Во моментов, ја правиме или ќе ја направиме во најбрз можен рок и најблиска иднина, Ковид болница како што беше пред 4 месеци. Таму имавме околу 250 Kовид легла, вкупниот капацитет е над 400 легла, меѓутоа сега имаме само 50-60, значи ќе дојдеме до 2/3 од можниот капацитет на 8-ми септември.“, рече Жарко Караџовски.

Караџовски вели дека во соседните земји, спортски сали и болници може да се пренаменуваат во ковид центри, но во Македонија немаме такви објекти.

„Ние никој во државава, не оваа власт, туку ниедна власт во последните 30 години не мислела дека еден ден може да се случи пандемија. И оваа наша превентивна бранша, на никој не му требаме епидемиолози. Што е таа работа на никој не му требаат. Сите сакаат да бидат хирурзи, интернисти, очни лекари, гинеколози…“, вели Караџовски.

Дека состојбата е алармантна, потврдува и графичкиот приказ кој го подготви ТВ21. Во Куманово сите 32 кревети се пополнети и нема место за нови. Од понеделник пренамена на одделение со што би се „отвориле“ нови 20 легла.

„Апел до сите треба сами да си помогнеме, да потоа да чекаме помош и од здравствените работници. Веќе се паднати од работа. На дневно ниво се по 60-тина прегледи, исто и во лабораторија, исто и на рентген, зачи ова трае од март.“, изјави Снежана Захариева.

Во ковид центарот во Велес, моментално хоспитализирани се 47 лица, а остануваат слободни само уште 7 кревети. Се планира и болницата во Јасен во иднина да биде подготвена да ги прими првите пациенти.

„Остануваат уште 7 слободни места, меѓутоа ние имаме план Б со кој што нема да дозволиме да бидат пациентите кои што доаѓаат незгрижени.“, вели Божидар Бојаџиев.

Во Ковид центарот во Битола од вкупниот капацитет од 78 легла, искористени се 67, односно слободни кревети има само уште 11. Во следниот период одделенијата кои се физички одделени зградата на болницата ќе бидат пренаменети за ковид пациенти. Идејата на Министерството за здравство, за интерните одделенија да примаат ковид пациенти тука е невозможно, бијдеќи одделението се наоѓа на средината од клиничкиот центар.

„Во моментов, хоспитализираните пациенти навистина се во тешка состојба, односно средно тешка дури и исклучително тешка состојба. Поголем дел од нив, околу 30% се на перманентна кислородна поддршка и тоа си бара поинаков третман.“, вели Билјана Гагачовска, директорка на битолската болница.