Земјава не ги исполнува целосно минималните стандарди за спречување на трговијата со луѓе, но прави значителни напори во овој правец, се вели во извештајот на Американскиот стејт департмент за трговија со луѓе за 2023. Владата регистрирала помалку жртви, но Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција нема доволно ресурси за да гои иследи сите случаи. Во извештајот се истакнува дека се преземени мерки за спроведување на законот, вклучувајќи истраги, кривично гонење и казнување на повеќе трговци со луѓе.
„Владата формираше Оперативен тим за идентификација на жртви на трговија со луѓе (OTITV) за полесно да ги препознае потенцијалните жртви и да помогне во координирањето на грижата за жртвите. Владата го усвои Законот за компензација на жртвите на насилен криминал, со кој на жртвите на трговија со луѓе им се обезбеди право на компензација и ги зголеми ресурсите на прифатилиштето за жртви на трговија со луѓе (засолништето) управувано од НВО. Сепак, владата не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области. Владата идентификуваше значително помалку жртви, а Обвинителството за организиран криминал и корупција немаше доволно ресурси за да се справи со сите случаи под нејзина јурисдикција“, додаваат од американскиот стејт департмен.
Во извештајот е истакнато дека неколку обвинители не известиле за можни случаи на трговија и спровеле полесни мерки за кривично гонење на трговците со луѓе.
„Владата го зголеми финансирањето на засолништето, но тоа покрива само мал процент од оперативните трошоци на засолништето. Слично на тоа, владата не додели средства за мобилни тимови кои ги идентификуваат повеќето потенцијални жртви секоја година, и покрај преземените обврски да го сторат тоа. Локалната полиција и некои гранични службеници не ги проверуваа индикациите за трговија со луѓе и, како резултат на тоа, властите веројатно депортираа некои неидентификувани жртви на трговија со луѓе“, велат од Американски стејт департмент.
АСД препорачува дека за засилување на борбата против трговија со луѓе земјава треба да ги гони кривично тие што вршат трговија со луѓе дури и ако се вклучени службеници како соработници, да се одредат потребните казни затвор, да се зголемат средствата во засолништата.
