Бошњачкиот демократски сојуз поднесе кривична пријава против директорот на Агенцијата за правата на заедниците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) денеска поднесе кривична пријава до надлежните институции против директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, поради негово јавно дејствување за кое партијата тврди дека претставува глорифицирање и величање на Ратко Младиќ, правосилно осуден за воени злосторства.

Од БДС велат дека носител на јавна функција не смее преку своите постапки и јавни пораки да ги релативизира воените злосторства или да го нарушува достоинството на нивните жртви.

Особено ја нагласуваат одговорноста на Китановиќ како директор на институција чија задача е остварување и заштита на правата на помалубројните етнички заедници во Северна Македонија.

„Од таква институција и нејзиното раководство очекуваме почитување на сите заедници, нивното достоинство, како и чувствителност кон жртвите на воените злосторства“, наведуваат од БДС.

Од партијата очекуваат надлежните институции да ја разгледаат кривичната пријава согласно закон, да ги утврдат сите релевантни факти и, доколку се утврди одговорност, да преземат соодветни мерки.

БДС најавува дека и натаму ќе дејствува институционално и ќе ги користи сите законски механизми за, како што велат, заштита на достоинството на жртвите, вистината и принципите на одговорност.

„Воените злосторства не смеат да бидат предмет на глорификација. Жртвите заслужуваат почит. Институциите мора да бидат пример за одговорност и почитување на сите заедници“, порачаа од БДС.