Празничната атмосфера веќе пристигна во Грција. Во живописното планинско село Таксиархис на Халкидики, познато како „селото на елките“, синоќа традиционално беше осветлена првата новогодишна елка во земјата, со што симболично започна божиќната сезона.
На централниот плоштад, пред бројни жители и посетители, блесна 15-метарската елка украсена со илјадници светилки. Свеченоста се одржа во пресрет на празникот Свети Архангел Михаил, кој има особено значење за локалното население.
Таксиархис со години е познат како едно од главните места за производство на природни новогодишни елки во Грција. Се проценува дека годинава од селото ќе бидат испорачани околу 32.000 елки, кои ќе ги украсуваат домовите, плоштадите и јавните простори низ целата земја.
Од општина Полигирос истакнуваат дека осветлувањето на првата елка е симбол на радост, надеж и заедништво, но и начин да се поддржат локалните производители, за кои одгледувањето елки претставува важна економска дејност.
Заменик-градоначалникот за култура и туризам, Јанис Лелејанис, порача дека Таксиархис секоја година ја испраќа првата божиќна порака до цела Грција, носејќи светлина и празнична радост.
Интересно е што и новогодишната елка која традиционално го краси центарот на Солун често пристигнува токму од ова мало планинско село.
Во Атина, Солун и останатите грчки градови, празничното украсување и свеченото осветлување на елките вообичаено се одржуваат кон крајот на ноември.
