Бранителите во случајот „Пулс“ го нападнаа Обвинителството за неуредената доказна документација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во кривичниот суд во рамките на КПУ „Идризово“ денеска се одржа второто рочиште од судењето за пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, при што одбраната повторно реагираше на ревидираната и интегрирана верзија на обвинението.

На самиот почеток, адвокатите на дел од обвинетите истакнаа дека интегрираното обвинение не претставува само формално спојување на две постапки, туку, како што рекоа, дејствува како „целосно ново обвинение“. Тие укажаа на промени во временската рамка на наводното сторување на делата, додавајќи дека во новата верзија се појавуваат несоодветности што, според нив, ја менуваат суштината на товарот за нивните клиенти.

Дополнително, повеќе бранители пријавија дека не го добиле интегрираното обвинение и посочија дека таквата ситуација ги оневозможува обвинетите да се изјаснат за вина и одбраната да даде воведни зборови. Адвокатката Сузана Јошевска-Атанасовска реагираше и на состојбата со доказите, наведувајќи дека материјалот кој им бил доставен е „измешан, ненумериран и неусогласен“ со електронските копии.

Обвинителот Борче Јанев одговори дека доказите не биле оставени без ред, туку им бил даден нивниот природен след, признавајќи дека постои повторување на дел од материјалот, но нагласувајќи дека сè им било доставено уште во јуни.

Неколку адвокати оценија дека измените во временските периоди ја доведуваат под сомнеж основата на обвиненијата, при што беше споменато и дека во интегрираното обвинение се појавува ново лице – Мартин Атанасовски – за кого првпат се наведува дека внел пиротехника, наместо претходно споменатата група ДНК.

Обвинителот пак истакна дека, иако постојат технички корекции, суштината на обвинението не е променета, дека нема нови обвинети и дека фактичката состојба не е изменета на начин што би бил на штета на одбраната.

По серијата забелешки, судијката Дијана Груевска-Илиевска даде пауза за да се произнесе по поднесените приговори. По враќањето, Советот одлучи дека во услови кога дел од обвинетите не го добиле обвинението, нема да се продолжи со изјаснувањето за вина и со воведните излагања.

Рочиштето заврши без да се чујат планираните воведни зборови, а постапката ќе продолжи на 2 декември.