Штип попладнево беше зафатен од неколку пожари на различни локации, поради што противпожарните екипи интервенираа истовремено за да го спречат ширењето на огнот и поголеми материјални штети.
Најновиот пожар избувна во индустриската зона, меѓу Штипска млекара и конфекцијата „Албатрос“, каде што гореше сува вегетација. Поради опасноста огнот да се прошири кон производствените објекти, вработените во конфекцијата беа превентивно евакуирани. Во интервенцијата учествуваат пожарникари, доброволци, полициски службеници и жители од населбата Каленица.
Во меѓувреме, пожарот на ридот Исар е ставен под контрола, откако огнот се доближи до станбени објекти. Благодарение на брзата реакција на службите и доброволците, беше спречено неговото понатамошно ширење. Според првичните информации, можно е пожарот да настанал поради дефект на електрична инсталација.
Пожар избувна и во атарот на селото Чардаклија, каде што целосно изгоре фотоволтаична централа. Иако пожарот е изгаснат, на делови од теренот сè уште има тлеење, поради што екипите остануваат на терен.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, изјави дека штетите во фотоволтаичната централа се значителни, а причините за избувнувањето на трите пожари ќе ги утврдуваат надлежните институции.
