Брегалница експресно се врати во Првата лига, Скопје и Шкендија Арачиново одат во бараж

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со убедливата победа од 7:0 против Победа од Прилеп, фудбалерите на Брегалница Штип и официјално го обезбедија првото место во Втората македонска фудбалска лига и по двегодишна пауза повторно се враќаат во Првата лига.

Штипскиот тим сезоната ја заврши со 71 освоен бод, исто колку и второпласираното Скопје, но Брегалница ја освои шампионската позиција благодарение на подобриот меѓусебен скор.

Скопје во последното коло убедливо го совлада Детонит Плачковица со 5:1, додека Шкендија Арачиново славеше против Каменица Саса со 4:2. Овие две екипи ќе играат бараж натпревари за пласман во елитното фудбалско друштво.

Од Втората лига испаѓаат Вардар Неготино, Слога Виница, Преспа, Победа Прилеп и Големо Коњари, додека Кожуф, Тетекс и Каменица Саса ќе се борат за опстанок преку баражите.