Јавното обвинителство во 2025 година работело со 194 обвинители, иако биле предвидени 261 работно место. Тоа значи дека биле пополнети само 74,3 проценти од позициите, односно недостигале 67 обвинители.
Иако бројот на обвинители во однос на 2024 година бил зголемен за 25, односно за 9,6 проценти, во годишниот извештај се констатира дека тоа не довело до подобрување на ажурноста во решавањето на предметите.
Од вкупно 31.067 познати полнолетни лица за кои се постапувало, обвинителствата решиле пријави за 20.247 лица, или 65,2 проценти. Нерешени останале предметите за 10.820 лица, а самото Обвинителство оваа стапка на ажурност ја оценува како незадоволителна.
Најголем кадровски недостиг има во дел од помалите обвинителства. Берово, Делчево и Свети Николе повеќе години функционирале без основен јавен обвинител, додека во Вишото обвинителство Битола од предвидените осум места работеле само двајца обвинители.
Претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, пред пратениците оцени дека недостигот на обвинителски и административен кадар останува еден од најголемите проблеми.
Дополнително, Обвинителството се соочува и со недостиг на финансиски средства. За 2025 година побарало околу 1,45 милијарди денари, но му биле одобрени околу 885 милиони денари.
И покрај проблемите со кадарот и финансирањето, во првостепените судски постапки во 2025 година биле донесени одлуки за 9.729 лица, од кои 93,3 проценти завршиле со осудителни пресуди.
Годишниот извештај пред Собранието го образложуваше обвинителот Златко Биковски, бидејќи јавниот обвинител Ненад Савески не присуствуваше поради работни обврски. Неговото отсуство предизвика критики од пратениците.
