Познати се заклучоците на Советот на ЕУ за процесот на проширување, кои се очекува да бидат одобрени на Самитот на лидерите во четврток. Во делот за Македонија се потенцира земјата да го забрза процесот на уставни измени.
Високи претставници на Советот брифираа дека со Северна Македонија ќе се зборува за критериумите од преговарачката позиција и се надеваат дека уставните измени ќе бидат што поскоро усвоени за процесот да продолжи. За проширувањето на Унијата повеќе ќе се зборува утре на Самитот ЕУ-Западен Балкан, каде присутен ќе биде премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека на новото раководство во Брисел, пред само две недели им ги презентирал ставовите на Македонија, по што евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас изјави дека се вложуваат големи дипломатски напори за да се изнајде решение.
„Знам дека ќе има и многу билатерални состаноци, па да почекаме за резултатите од Самитот и се надевам дека она што е веќе многу јасна порака, дека за ЕУ проширувањето е врвен приоритет и новото раководство тоа го кажа повеќе пати, ќе овозможи прогрес за побрз пат кон ЕУ интеграцијата и за Северна Македонија“, изјави Михалис Рокас, шеф на мисија на ЕУ.
Мицкоски најави дека во Брисел ќе се сретне со високата комесарка Каја Калас, како и со шпанскиот премиер Педро Санчез.
За дискусиите што течат, американската амбасадорка Анџела Агелер сподели дека Вашингтон и во Брисел, но и во Скопје и Софија повторува дека сака да ја види земјава во ЕУ што поскоро.
„Многу би сакале да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија и се надевам дека дискусиите ќе бидат успешни и плодни, зашто просперитетната, успешна и стабилна иднина на оваа земја е во рамките на ЕУ, таа е дел од Европа и таму и припаѓа“, изјави амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Инаку, во заклучоците се потсетува Македонија во добра волја да ги спроведува Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.
