Бришењето на 20% од барање премина во услов?! Адеми: БЕСА им служи на ВМРО-ДПМНЕ и Левица во одлучувачки моменти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Укинувањето на терминот 20% за албанскиот јазик од барање веќе премина во услов. Барем така се подразбира најавата на лидерот на Беса, Биљал Касами дека немаат обврска да ги поддржат уставните измени доколку не се прифати нивното барање да се отстрани терминот 20% за албанскиот јазик од Уставот. Арбр Адеми од ДУИ условот на Касами го нарече закана и вели дека Беса говори на јазикот на ВМРО.

-Не треба да го држат ритамот на ВМРО и да зборуваат на нивниот јазик за да го комплицираат евроинтегративниот процес. Со ова и се прави услуга на ВМРО и Левица во овие одлучувачки моменти. Секое прашање може да се покрене и за секое прашање може да се дискутира но не и да се заканува а уште помалку да се блокира евроинтегративниот процес во служба на Русија, ВМРО и Левица-вели Адеми.

Од СДСМ исто така велат дека сега не е моментот да се отежнува ситуацијата со други барања туку фокусот треба да биде на уставните измени.

„Во овој момент приоритет се уставните измени и сметаме дека сега кога пред нас имаме историска шанса, не е време процесот да се оптоварува. Може за сѐ да се разговара, но цениме дека сега главниот фокус треба да биде токму искористување на оваа можност, на оваа историска шанса која води кон полноправно членство во ЕУ.“, велат од СДСМ.

Против 20% е и ВМРО-ДПМНЕ. Пратеничката од оваа партија Ели Панова вели дека не сме сериозни доколку на прес конференции зборуваат за секој предлог.

Инаку бришењето на 20% од Уставот постојано го бара и АА. Арбен Таравари пред два дена истакна дека овој термин го негира албанскиот идентитет и смета дека сега е моментот да се смени тоа.